Од 30 април 2013 година стартува задолжителната котација на акционерските друштва на Македонската берза за хартии од вредност, како и транспарентно објавување на ценовно чувствителни информации. За македонските акционерски компании коишто исполнуваат одредени критериуми е оставен преоден период од 5 години, односно до 30 април 2018 година за тие да се прилагодат на условите на пазарот на капитал. Со новата мерка се очекува бројот на котирани компании на Берзата да се зголеми за два до три пати. Овие новини се дел од измените и дополнувањата на Законот за хартии од вредност што веќе го поминаа владиниот филтер и наскоро ќе се најдат пред пратениците. За вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески се работи за значајни измени кој ќе ја раздвижат Македонската берза, а со задолжителната котација на акционерските друштва и поднесување на извештај и до Комисијата за хартии од вредност за секоја ценовно чувствителна информација ќе ја подобри нивната транспарентност во работењето.
Од 30 април 2013 година стартува задолжителната котација на акционерските друштва на Македонската берза за хартии од вредност, како и транспарентно објавување на ценовно чувствителни информации.
За македонските акционерски компании коишто исполнуваат одредени критериуми е оставен преоден период од 5 години, односно до 30 април 2018 година за тие да се прилагодат на условите на пазарот на капитал. Со новата мерка се очекува бројот на котирани компании на Берзата да се зголеми за два до три пати.
Овие новини се дел од измените и дополнувањата на Законот за хартии од вредност што веќе го поминаа владиниот филтер и наскоро ќе се најдат пред пратениците.
За вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески се работи за значајни измени кој ќе ја раздвижат Македонската берза, а со задолжителната котација на акционерските друштва и поднесување на извештај и до Комисијата за хартии од вредност за секоја ценовно чувствителна информација ќе ја подобри нивната транспарентност во работењето.
- Информацијата во рок од пет дена компанијата треба да ја објави и во дневен весник како соопштение - информираше Ставрески на неодамна одржаната отворена владина седница и додаде дека дел од измените се однесуваат и на структурата на органите на управување на работењето на Комисијата за хартии од вредност.
Владината мерка ја поздравуваат од Македонската берза за хартии од вредност. Тие посочуваат дека во услови кога развојот на пазарот на капитал, особено во мали економии како што е нашата, е процес што треба да биде стимулиран и од приватни и од државни институции, па токму затоа оваа мерка за задолжителна котација е за поздравување.
- Оваа мерка ќе придонесе кон зголемување на транспарентноста на македонските акционерски друштва, односно нови, добри и профитабилни компании ќе котираат на Берзата и ќе бидат подостапни со информации за потенцијалните инвеститори. Тоа на среден и долг рок би требало да влијае на зголемување на тргувањето со акции и привлекување нови инвеститори - велат од Берзата.
За членките на Сојузот на стопански комори на Македонија, се работи за значајна реформа и токму затоа ССК планира да подготви еден состанок, односно заедничка средба каде фирмите ќе можат да се произнесат за својот став и размислување и со тоа да се согледа колку тие се подготвени да бидат дел од пазарот на капитал.
- По состанокот јавно ќе го соопштиме нашиот генерален став - потврдуваат од ССК.
Од 539 компании во Македонија само 34 котираат на Берзата. Заради кризата пазарот на капитал е оставен на ветрометина и значително е преполовен прометот.
Историски гледано, слична мерка која вродила со плод е онаа во 2002 година кога бројката на котирани компании од две се зголемила на 98 компании.
- Компаниите треба да се мотивираат да излезат на Берза како извор на финансирање, а не да бараат кредити од банките. Целта не е секое акционерско друштво да дојде на Берза, туку преку утврдените критериуми да излезат на Берза квалитетните компании. Меѓу пропишаните критериуми ќе бидат бројот на акционери, капиталот и финансиските показатели на компанијата - вели Ставрески и додава дека на фирмите што излегуваат на Берза ќе им обезбеди алтернативен начин на финансирање во однос на банките и ќе го намали нивното задолжување, а со ова ќе се намали и цената на банкарските кредити.
Банките сега се во прилично монополска позиција во однос на финансирањето, но кога компаниите повеќе ќе котираат на берзата и кога ќе имаат можност преку Берзата тоа да го прават. Компаниите со самото тоа што се на берза кај банките ќе бидат оценети како потранспарентни со помал ризик и со самата помала задолженост ќе можат истовремено, освен берзанскиот капитал, да добијат и банкарски капитал со пониска цена.
Со новите законски измени ќе има намалување на трошоците на компаниите коишто ќе ги имаат со самата постапка за иницијална јавна понуда. Таа ќе се намали на 5.000 денари кај сите вклучени во процесот, односно Комисијата за хартии од вредност, Централниот депозитар и Берзата, односно вкупно трошокот ќе изнесува 15.000 денари од иницијална јавна понуда. Досега износот се определуваше процентуално од понудата и беше прилично висок.